Во „Јадро“ се одржа информативна сесија и презентација за проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“

од admin_kult

Во КСП Центар – Јадро денеска се одржа информативна сесија и презентација на проектот  „Култура и креативност за Западен Балкан“, на која присуствуваа заинтересирани институции, организации и физички лица. Сесијата и презентацијата за проектот можеше да се следи и онлајн со регистрирање преку платформата Зум. 

Од име на Министерството за култура се обрати Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, која истакна дека македонските уметници и културните работници во проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ препознаа нова иницијатива на меѓународните организации од огромно значење и акцелератор на потенцијалот на културата и на креативните луѓе од овој дел на Европа.

„Овој европски проект покажа дека културната соработка е суштински механизам за европски и меѓународен дијалог. Особено сме благодарни што Европската Унија и УНЕСКО со партнерите, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка, се вклучени во имплементирањето на оваа иницијатива која потврдува дека културата и културната различност се важен фактор на интеграцијата кон Европската Унија“, рече Краљевска-Лазарова. Таа потенцираше дека во изминатата година, по промоцијата на првиот циклус на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, македонските инстутуции и културни оператори, како носители или коносители на поддржани проекти, добија можност за градење нови долгорочни партнерства, вмрежување со европските организации, подобрување на вештините, знаењата, пристап до фондови, зголемување на конкурентноста и одржување на копродукцијата и циркулацијата на услуги во Западен Балкан. 

„Затоа Министерството за култура и на сегашниот, втор по ред повик за проектот, стои на располагање и како партнер и како помош при аплицирањето. Верувам дека ќе има голем интерес за аплицирање и со помош на нашите докажани пријатели, повторно ќе го дадеме и ќе го размениме најдоброто за и во културата“, дополни Краљевска-Лазарова.

На информативната сесија се обратија и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, заменик-амбасадорот на Италијанската Република, Марио де Роса, и Клер Сирс, директорка на Британскиот совет за Западен Балкан, додека преку зум-врска се приклучи и Синиша Шешум, шеф на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево, Регионално биро за наука и култура во Европа.

Повикот, критериумите и начините на аплицирање може да се најдат на следниве линкови:

  • за институции и организации: www.bit.ly/3ITpCdJ, со рок за поднесување најдоцна до 27 мај 2024 година;
  • за мали грантови за физички лица: www.bit.ly/4axMUBY, постојано отворен за аплицирање сѐ до 31 декември 2025 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе