Во НУБ „Св. Климент Охридски“ одбележан патрониот и државен празник

од admin_kult

„Делото на свети Климент најдобро ќе го чествуваме преку создавање вредности, кои ќе значат придобивка и за оние што ќе дојдат по нас. Затоа Министерството за култура, со своите заложби, континуирано ја дава својата поддршка за реализација на проектите на оваа институција“, рече заменик-министерот за култура Даим Лучи денеска на свеченоста на која НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје го прослави патрониот и државен празник – Свети Климент Охридски.

На свеченоста, на која беше одбележана и 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на оваа национална и универзитетска библиотека, заменик-министерот Лучи го нагласи и обемниот проект за реконструкција на старата зграда на Библиотеката – ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти, Петар Муличковски.

„Од особено значење е и фактот што реконструкцијата, со која ќе се врати сјајот на овој репрезентативен објект, започна токму во годината кога одбележуваме и половина век од нејзиното официјално пуштање во употреба“, рече Лучи.

На свеченоста, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи, додели повеќе благодарници за особен придонес и поддршка на институцијата, меѓу кои и на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска; амбасадите на Народна Република Кина и на Кралството Шпанија; како и на донаторите на институцијата.

Беа одржани беседи за св. Климент Охридски, како и за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, а беа доделени и наградите „Библиотека на годината“ за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело“ од страна на Библиотекарското здружение на Македонија.

Беше претставена и изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, како и изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар. Во рамките на свеченоста, настап со изведба на повеќе музички композиции имаа и неколку инструменталисти од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе