Со проекција на првиот македонски анимиран филм „Ембрио № M“ од Петар Глигоровски, утре во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ќе биде одбележан јубилејот „50 години македонски анимиран филм“.
Инаку, Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и уште шест автори се генерацијата што ги постави темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови што учествуваа и добија значајни признанија на големи светски фестивали, вклучувајќи и „Сребрена мечка“ на Меѓународниот фестивал во Берлин.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот ќе биде отворена изложба на артефакти од „златната доба“ на македонскиот анимиран филм (1971 – 1991), како и изложба на артефакти од актуелните автори на анимиран филм што ја сочинуваат сцената денес. Освен изложби, предвидени се и дискусии, проекции на филмови, како и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971 – 1991“, што е резултат на истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски.
Настанот е во организација на Друштвото на филмските работници на Mакедонија во партнерство со Кинотека на Република Северна Македонија, Вардар филм и Младинскиот културен центар, со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Министерството за култура и Град Скопје.