Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога градот се разбуди во урнатини под кои 1070 лица го загубија животот, а 3000 беа повредени.
Традиционално, денеска (26 јули) во 10 часот пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќиња.
Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Колаж на еден разурнат град“. Во 9 часот ќе се организира „Скопска аванТУРА“ – Детска едукативна прошетка низ минатото на Скопје, а почетната точка ќе биде Феудалната кула кај Домот на АРМ. Во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот кеј „13 Ноември“, што ќе биде проследено со настап на Градскиот дувачки оркестар и изложбата на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.
Во Национална опера и балет во 20 часот, како дел од „Скопско лето“, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес“.