Со изложбата „Помеѓу надеж и страв“ на Јанешлиева ќе биде отворен македонскиот павилјон во Венеција

од admin_kult

Со проектот „Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв/Between hope and fear“ на уметницата Славица Јанешлиева, денеска во Скуола деи Ланери, католичка школа од 16 век во Венеција, официјално ќе биде отворен македонскиот павилјон на 60. Биенале на уметноста во Венеција.

Носител на проектот кој се реализира со поддршка од Министерството за култура е Националната галерија на Република Северна Македонија. Комесар е Дита Старова-Ќерими, а куратор е Ана Франговска.

Tрансмедијалниот и транснаративен проект на Славица Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која нѐ фрла во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин.

– Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нѐ впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде што нѐ соочува со чувството да си странец и тоа оној што е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа нѐ соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мнозинството, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување –  велат од Националната галерија.

Шеесеттото издание на Венециското биенале на уметноста се одржува од 20 април до 24 ноември, куратор е уметничкиот директор на Музејот на уметностите во Сао Паоло, бразилецот Адриано Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе