Свечено отворање на Фестивалот „Охридско лето“

од admin_kult

На Античкиот театар во Охрид вечер (12 јули) со почеток во 21 часот, со концерт на светски познатите тенори од Италија: Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет, а под диригентската палка на Лоренцо Бицари, ќе биде отворено 62. издание на Фестивалот „Охридско лето“.

– Нѐ очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“ – маестра Бисера Чадловска, диригент во Националната опера и балет, и Сања Арсовска, актерка од Драмскиот театар Скопје. На годинашното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, десет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај и предворјето на црквата „Света Софија“, како и во самата црква „Света Софија“, и во Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји – најавува Наташа Поповиќ, директорка на Фестивалот „Охридско лето“.

Меѓу многуте настани, на роденденот на „Охридско лето“ ќе имаме можност да го видиме фламенко-балетот „Луксурија“, спектакл базиран врз традиционални шпански фламенко-танци, а Фестивалот ќе биде затворен со концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов.

Богатата театарска програма ја предводат њујоршката „Ла мама“ со копродукциската „Балкан бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“, како и шест исклучителни домашни претстави. Публиката ќе има можност да проследи десет театарски остварувања – шест домашни и четири странски. За најмладата публика ќе настапи колективот „5+ фамилија“ со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета”, режиран од Сандра Ѓеорѓиева.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе