Ретроспективна изложба на Симон Узуновски во МСУ – Скопје

од admin_kult

Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер со почеток во 20 часот ќе биде отворена ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски. Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври 2022 година.

Тим од петмина историчари на уметноста Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување, уште од 70-те години, ќе го претстават творештвото на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

– Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот, за него, период на седумдесеттите години на ХХ век, период, кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини, велат кураторите на оваа поставка.

Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри.

Узуновски беше еден и од првите соработници на сценографот Крсте Џидров-Џиби, од крајот на 70-те и во текот на 80-те години. Тие заедно работеа на 15-тина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар – МОТ беше отворено токму со нивна заедничка изложба.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе