„Од архивите на МРТ“ – концерт на оркестарот на „Танец“

од admin_kult

„Од архивите на МРТ“ е наречен концертот што ќе се одржи вечер во 20:00 часот во малата сала на Филхармонијата во рамките на манифестацијата „Денови на македонската музика 2024“. Концертот на оркестарот на „Танец“ обединува неколку јубилеи – 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на „Танец“ и на Народниот оркестар на МРТ и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски, член на Сојузот на композиторите на Македонија и автор, инструменталист и раководител на Народниот оркестар на МРТ.

Во рамките на овој ексклузивен настан, оркестарот на „Танец“, раководен од маестро Дарко Илиевски, ќе возобнови дел од богатата архива на Македонската радио-телевизија, односно ќе отсвири партитури што се неотуѓив дел од македонското наследство, композиции од врвните мајстори кои создавале за Народниот оркестар за време на неговото постоење.

Концертот ќе започне со кус пригоден разговор со Благоја Десковски, последниот раководител на Народниот оркестар, а потоа ќе биде изведена целовечерна програма составена од композиции од најзначајните автори на аранжмани и творби за Народниот оркестар од речиси сите периоди на постоењето на Оркестарот.

Инаку, Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година и веќе 75 години е еден од столбовите на македонската традиција и култура. Формиран е со цел да ги собира и да ги негува македонските традиционални песни и игри, народните инструменти и носии, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ.  

Архивата на МРТ, пак, е непроценлив извор на снимки, партитури и факти за развојот на македонската музичка култура, но и на македонската културна историја во целост.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе