Археолошка изложба: „Материјална и духовна култура на праисториските заедници во Струмичко-радовишкиот Регион“

од admin_kult

Во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Струмица е поставена археолошката изложба „Материјална и духовна култура на праисториските заедници во Струмичко-радовишкиот Регион“, која предизвикува голем интерес во јавноста.

Во изложбената поставка се изложени артефакти прибирани со повеќедецениски археолошки истражувања, кои започнале во втората половина на 80-тите години од минатиот век. Откриените артефакти им припаѓале на праисториските заедници кои живееле на територијата на Струмичко-радовишкиот Регион, презентирајќи ја материјалната, но и духовната култура на овие простори  од пред повеќе милениуми.

Според археологот Зоран Рујак од струмичкиот Завод и музеј, долгогодишните археолошки истражувања во овој регион, меѓу другото, дале почетна основа за разбирање на процесите на создавањето на праисторски заедници кои се развивале од раниот неолит до полното железно време во една затворена микроцелина.

Проектот е реализиран од страна на Заводот и музеј  – Струмица, Заводот и музеј – Штип и Археолошкиот музеј – Скопје. Покрај авторот на изложбата, м-р Зоран Рујак, кој е еден од истражувачите во Струмичко-радовишкиот Регион, во реализацијата на проектот учествуваат и други археолози кои долги години го истражуваат светот на праисторијата, и тоа: м-р Елена Стојанова-Канзурова, д-р Митко Штерјов, д-р Трајче Нацев, Игор Толевски и Оливер Бојаџиев.

Изложбата е во рамките на одбележувањето на јубилејот 70 години од постоењето на Заводот и музеј – Струмица и ќе трае до крајот на јануари 2023 година, а потоа ќе биде поставена во Штипскиот музеј, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе