По повод 70-годишнината од излегувањето на првиот број на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и 100-годишнината од раѓањето на големите дејци на македонската литература и науката за литература – Блаже Конески (1921 – 1993) и Коле Чашуле (1921 – 2009) – списанието „Современост“ објави повик за прилози во вид на проза, поезија (најмалку 3 песни), есеи или научни статии тематски посветени на овие македонски културни фигури.

Великанот на македонската литература и долгогодишен соработник на списанието со свои редовни објави, Блаже Конески, бил и еден од уредниците на првото списание за литература „Нов ден“ (1945 – 1951), списание претходник на „Современост“.

Првиот број на најстарото македонско книжевно списание бил во издание на Книгоиздателството „Кочо Рацин“, под редакција на Киро Хаџи Василев, Ацо Шопов и Коле Чашуле, а низ историјата негов дел биле и големите македонски писатели и книжевни теоретичари: Димитар Митрев, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Гане Тодоровски, Симон Дракул, Ташко Георгиевски, Владо Малески и други.

– Во знак на одбележување на 70-годишнината од постоењето на „Современост“, редакцијата на списанието ги охрабрува писателите, поетите, есеистите и професионалните истражувачи на делото на овие двајца, но и на другите творци поврзани со историјата на списанието, да ги испратат своите прилози на е-адресата: mksovremenost@gmail.com до крајот на месец август 2021 година – наведуваат од „Современост“ во објавата за повикот.

По нивното разгледување и редактирање, одобрените текстови ќе бидат застапени во некои од броевите на „Современост“ за 2021 година.