Во рамките на програмата на „Охридско лето“, вечер (22 јули), од 21 часот, во катедралната црква „Света Софија“ ќе настапи Мешаниот хор на Косовската филхармонија под диригентската палка на Хајрула Сула.
Хорот на Косовската филхармонија е професионален ансамбл кој го сочинуваат 50 пејачи. Тој на своевиден начин ја продолжува работата на поранешниот хор на РТВ Приштина кој беше добро познат во регионот и пошироко во 80-те години под раководство на Рафет Руди. Хорот беше распуштен во 1990 година поради воениот конфликт, но по една деценија, во 2003 година е повторно основан, сега како дел од Косовската филхармонија и е изграден во еден од најдобрите хорски ансамбли во регионот. Со својата работа, Хорот на Косовската филхармонија ја продолжува традицијата на хорско пеење која на Косово е присутна од 1945 година.