Хорот „Св. Злата Мегленска“ одбележува 25-годишен јубилеј

од admin_kult

Во рамките на 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2021, вечер (30 ноември) во 20 часот во Националната опера и балет со концертот „Свети Злата слави“ ќе се одбележи 25-годишниот јубилеј на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Ќе диригира Летка Димовска-Полизова, која е и основач на хорот. Меѓу другите, на концертот се предвидени настапи на: Влатко Стефановски – гитара; Сања Шуплевска – виолина; вокалите Васил Гарванлиев и Калина Велковска; камерниот ансамбл „Полифонија“; пијанистот Иван Еминовиќ. На програмата се дела од Шуплевски, Стојков, Бортњански, Запров и од други автори.

„Св. Злата Мегленска“ од Скопје е женски камерен хор формиран во 1996 година при Македонската православна црква. Овој хорски состав, преку своето 25-годишно континуирано работење, стана хорски расадник и културен храм, кој со огромна љубов и посветеност ги стави сите хорски жанрови во функција на афирмирање на домашните автори, композитори и аранжери.

Многу млади соло пејачи, музичари и студенти на ФМУ Скопје, токму со хорот „Св. Злата Мегленска“, како редовни хорски солисти, го имаа првото солистичко деби, започнувајќи ја својата солистичка кариера. Хорот има многубројни настапи на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари и слично.

 

 

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе