Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за академик Влада Урошевиќ

од admin_kult

Академик Влада Урошевиќ, македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, составувач на антологии и преведувач, е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2023 година, а ирскиот поет Гевин Бредли, со стихозбирката „Страв од разделба“, е годинашниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ – меѓународна награда за најдобра дебитанска поетска книга во светот што ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ заедно со УНЕСКО.

Лауреатите на Струшките вечери на поезијата беа прогласени денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамките на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, и тоа во истиот период со настанот во организација на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот ПЕН-центар, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, а по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата.  

Акаемик Влада Урошевиќ е роден во 1934 година во Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, во 1957 година. Докторирал на истиот факултет со тезата „Фантастика и научна фантастика – сличности, разлики и области на интерференцијата“, во 1987 година.

Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), Урошевиќ објавил десет збирки поезија. Меѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Меѓу антологиите што ги составил, се изделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор од поезијата на помладата генерација македонски поети; „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија; „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам.

Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски јазик „Цвеќињата на злото“ од Ш. Бодлер и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.

Влада Урошевиќ е единствениот македонски поет што ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.

За романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, Урошевиќ минатата недела во Скопје ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022 г. што ја доделува  Фондацијата „Славко Јаневски“.

Гевин Бредли е ирски поет, кој од 2012 година се сели и живее и пишува во Канада каде што работи како помлад предавач по палеонтологија на Универзитетот на Алберта. Објавуван е на двете страни на Атлантикот, а неговата поезија е вклучена и во Антологијата на најдобри британски и ирски поети во интервалот меѓу 2019 и 2021 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе