Жанр сцени од колекцијата на Националната галерија

од admin_kult

Во Мала станица денеска (7 септември) во 13 часот ќе биде отворена изложбата „Жанр сцени од колекцијата на Националната галерија“.

Од оваа Национална установа информираат дека Националната галерија, со оваа изложба се придружува кон одбележувањето на Европските денови на културнотo наследство, нajшироко прифатен партиципативен културен настан што го споделуваат граѓаните на Европа.

Заедничката тема на годинашното одбележување ќе биде „Одржливо наследство“, а централното одбележување и кај нас ќе се реализира во периодот од 22 до 28 септември.

– На изложбата ќе бидат изложени околу 80-ина дела во различни сликарски техники и скулптури  кои  се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постојните елементи на драматика, сатира, дидактика, па сѐ до вклучување на романтизам и сентименталност – нагласуваат од Националната галерија. Оттаму додаваат дека преку оваа тематска изложба се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Националната галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе бидат претставени пред јавноста.

Меѓу изложените автори, има дела на: Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Василие Поповиќ-Цицо, Томо Владимирски, Богољуб Ивковиќ, Александар Ивановски Карадаре и др. Од странските автори се застапени: Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Крсто Хегедушиќ, Омер Мујаџиќ, Миќа Поповиќ,  Надежда Петровиќ, Весна Соколиќ и др.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе