Во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, утрово гостин беше  Афет Јашари, координатор за програми во Министерството за култура. Во разговор со Сашо Ордановски, Јашари ја информираше јавноста дека на 71-та седница на Владата е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за култура за време на вонредна состојба, со цел, рокот за донесување на нацрт-годишните програми за работа на националните установи од областа на културата за 2021 година наместо да биде до крајот на јуни, тој се пролонгира до 1 август, оваа година. „Ова е добра вест за сите установи, бидејќи добиваме време. Направивме предлог-протокол за реализација на проектите и тој протокол е пратен во Институот за јавно здравје. Во исчекување сме на одговор, изјави за „Утрински брифинг“ Јашари.

Во однос на предвидениот буџет и коронокразита, Јашари ја истакна политиката на Министерството за култура која е во насока на искористување на сите свои капацитети за реализација на што поголем број од усвоените програми со цел да им овозможи егзистенција на корисниците кои аплицирале на Годишните конкурси, а и со цел да ги задоволи, и во вакви вонредни услови потребите на публиката.

„Имаше повик од страна на Министерството сите работници кои сакаат да се откажат од проектите вон националните установи да добијат 14.500 денари, но многу е мал бројот кој се откажал од таквите проекти. Затоа моравме да го продолжиме рокот за да може да се реализираат овие проекти“, вели Јашари.

Во емисијата беше споделена и информацијата дека од Комсијата за заразни болести  се очекува протокол за реотворање на институциите во културата, најнапред  на библиотеките и музеите и дека Министерството за култура ги следи светските модели и практики на функционирање во оваа сфера со цел  позитивните искуства да бидат применети и во нашата земја.