Од 1 до 8 јуни во Созопол, Република Бугарија, ќе биде претставена изложбата „Предизвици и насоки“ од проектот „Поврзување“ на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. Изложбата, која е составена од дела на македонски и на бугарски современи ликовни уметници, е дел од културната понуда со која македонскиот Културно-информативен центар се претставува на десеттиот Меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“.

Делата на 12-те автори се изработени во различни техники – сликарство, графика, цртеж, фотографија – а, исто така, се застапени инсталирани светлечки објекти и видеоарт. На изложбата се претставени дела на уметници од Република Северна Македонија кои живеат и работат во Република Бугарија, меѓу кои: Иво Пецов, Марјан Ѕингаров-Ѕин, Маријана Иванова, Перица Георгиев-Пепси и други. Ќе бидат изложени и дела на ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во Софија.