Во Музејот на Република Северна Македонија денеска (22 септември) во 12:00 часот ќе биде отворена изложбата „Нематеријалното културно наследство на Словенија во светлото на конвенцијата на УНЕСКО“. Изложбата се реализира во соработка со Словенечкиот етнографски музеј од Љубљана.
Автори на изложбата се д-р Нена Жидов и м-р Ања Јерин. На дваесет и седум паноа се претставени шеесет и седум нематеријални културни елементи од Националната листа на нематеријално културно наследство на Словенија. Четири од овие елементи се впишани и на Репрезентативната листа на нематеријалното наследство на човештвото на УНЕСКО.
Со презентирањето на оваа изложба ќе биде означен почетокот на одбележувањето на Европските денови на културното наследство во нашата земја. Манифестацијата ќе трае до 28 септември, а повеќето активности, што ќе се организираат во повеќе градови и села, се поврзани со темата „Културното наследство за сите“ и со Европската година на железниците.
Во прилог е линк со програмата на манифестацијата „Европски денови на културното наследство 2021“