Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во интервјуто на ТВ Слободен печат говореше за значењето на старото училиште во Љубојно и негово прераснување во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Таа рече дека овој објект е важен поради тоа што таму се школувал голем дел од населението, меѓу кои и некои од денешните лекари, наставници кои живеат не само во тој регион од државата, туку низ цела држава, па и надвор.
„Старото училиште во Љубојно е стратешки и важен објект затоа што претставува место кое е врзано со колективната меморија на сите во целата држава. Тој објект ќе претставува Центар за промоција на македонскиот јазик и афирмација на македонската култура преку разни видови проекти. Еден дел од активностите на Советот за македонски јазик ќе се одвива таму. Вториот аспект е да се одржуваат едукативни семинари, часови по македонски јазик, за да може училиштето да го вратиме на онаа првобитна дејност која што ја имало“, изјави министерката за култура во врска со актуелната реконструкција на старото училиште во Љубојно, за којашто Владата обезбеди двегодишно финансирање, по што објектот ќе биде ставен во функција.
Министерката за култура изрази задоволство што по минатонеделната посета, локалното население ја чува меморијата за значењето на училиштето.
„Навистина ми е драго што нивните очекувања се веќе остварени, како што и самите кажуваат, тоа беше еден процес што многу долго се најавувал, меѓутоа јас и минатата година кажав дека таму моравме да почнеме буквално од почеток“, рече Костадиновска-Стојчевска.
„Законот за употребата на македонскиот јазик, на огромно задоволство на сите, се донесе во втората половина на јануари по што ги започнавме подготовките за сето она што произлегува од самиот Закон и негова ефикасна имплементација“, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во интервјуто на ТВ Слободен печат, зборувајќи за приоритетите на Министерството за култура за заштита и унапредување на македонскиот јазик.
Костадиновска-Стојчевска појасни дека покрај задолжителното вработување лектори во институциите, она што е голема придобивка од донесувањето на овој закон е Инспекторатот за македонски јазик кој, како што рече, правно се формираше, но се чека завршување на изборниот процес за именување директор на институцијата.
Таа истакна дека редовно се одвива постапката за полагање лекторски испит, а дека според податокот што го има во Министерството за култура, регистрирани се 484 лиценцирани лектори кои ги добиле своите лиценци од почетокот кога се воспоставил тој испит за лиценцирани лектори до 2015 година и од 2017 година.
„Пред седум години се појави вакуум во полагањето лекторски испит, нешто што од 2017 година е исправено, со што полагањето се одвива според законските норми, и без застој“, заврши министерката за култура, осврнувајќи се на актуелностите што Министерството за култура ги презема во насока на негување на македонскиот јазик.