Вечерва почнува седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, годинава на тема „Во постојан отпор“. Јавната програма започнува со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада, што ќе се одржи во Чифте амам од 20 часот.
Од 16 до 24 јуни се одржува работилницата „Мапирање на занаетите во Скопје“ со уметникот Билал Јилмаз од Турција и кураторката Лидија Хаѕиоануод Грција.
Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во својот фокус има широк спектар на формати низ кои програмските уредници Искра Гешоска и Артан Садику, со учесниците на фестивалот прават обид да ги артикулираат актуелните теми во овие времиња кога натежнуваат многу од основните прашања забележани како придобивка на современите цивилизациски придобивки: демократија, солидарност, создавање заедници.
Јавната програма на КРИК, продолжува в четврток во Сули ан во 20 часот, со „Гозба или За љубовта” – концептуален, перфромативен дијалог, во кој учествуваат: Славчо Димитров, Никола Маџиров, Ивана Хаџиевска, Милица Пекиќ, Владимир Јанковски, Петар Милат и Елизабета Шелева. Кормилар: Артан Садику.
Следните содржини се во петок, на 24.јуни, потоа на 30 јуни и 1 јули. Целата програма на КРИК фестивалот за критичка култура, која продолжува и на есен е достапна на нивната електронска страница.