Во Кинотеката денеска ќе се врачува наградата „Златен објектив“

од admin_kult

Во дворот на кинотечното летно кино „Мирно лето“ денеска (26 мај) во 12 часот на режисерот Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски ќе им бидат врачени годинашните „Златни објективи“ – признанија кои Кинотеката на РС Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден. Манев и Тасевски ќе добијат пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

По повод роденденот, односно датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април 1974 година, оваа институција го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонесле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Коле Манев (1941) – еден од најеминентните македонски сликари – иако поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник, повеќе години работел и на телевизиски и филмски проекти, како режисер, сценарист и автор на документарни филмови, на телевизиски долгометражен филм и друго. Студирал на ликовната академија во Белград, а усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзано со културните политики и општествени случувања.

Спасе Тасевски (1945) работел паралелно и на телевизиски и на филмски проекти. Од 1965 влегува во студијата на РТВ Скопје (МРТВ), прво како асистент монтажер, а потоа самостојно, како монтажер на телевизиската програма. Истовремено работи и на филмски проекти, на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Од Кинотеката информираат дека доколку временските услови не дозволат настанот да се одржи во летното кино, целиот настан ќе се одвива во холот на Кинотеката, на ул. „Никола Русински“ бр. 1 во Скопје.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе