Во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности денеска во 12 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Буниште“ на Тома Димовски. Заради почитување на планот на рестриктивните мерки за спречување на ширење на корона-вирусот и на протоколот за јавни настани, изложбата ќе биде отворена во текот на денов до 20 часот.
– Тома Димовски, во рамките на овој негов проект, интерактивен дводелен перформанс, насловен ,,Буниште“, поттикнат од непочитувањето и честата вандализација на уметноста во јавниот простор, преку серија графики метафорички го поставува прашањето: ,,ДАЛИ и КОЛКУ уметноста и уметниковото творештво се заштитени во нашата држава, а со тоа и КОЛКУ културата во нашето општество е ФРЛЕНА на БУНИШТЕ?“, што всушност е и главен поттик за дебатата којашто уметникот интенциозно и сугестивно ја покренува со самата изложба, односно состојбата и значењето на уметничките дела во нашето општество, асоцијативно задирајќи и во прашањето за перцепцијата кон уметничкото дело и ставот кој луѓето го изразуваат помеѓу овие два начина на изложување – вели Ангела Витановска, историчар на уметноста, за изложбата на Димовски.
Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура.