Во Даут-пашиниот амам синоќа беше отворена ретроспективната изложба на
академскиот сликар Решат Амети со наслов „30 години уметност“. На изложбата, на
која присустуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, заменик-
претседателот на Владата, Артан Груби, заменик-министерот за култура, Седат
Сулејмани, директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими,
присутните ги поздрави и министерката за култура Ирена Стефоска.
Таа на авторот му го честиташе јубилејот, а упати и честитки до сите кои беа вклучени
во подготвката на изложбата која нè враќа во времето кога пред 30 години Решат
Амети за прв пат ги изложил своите дела во кафе-галерија во Виена.
Беше нагласено дека Амети е сликар кој „си игра“ со боите од ова наше балканско
поднебје-црвената, жолтата, портокаловата, зелената и сината.
„Ги слика животните драми од овдешното секојдневие на свој уникатен начин и со нив
допре до галеристите од Њујорк, Париз, Стразбур, Виена, Анкара, Рим, до овде,
повторно на Балканот. Неговиот интернационален успех, се разбира дека е успех и на
современата македонска уметност. 30 години творештво не е мал јубилеј, но со оглед
на хиперактивноста на уметникот, му посакувам здравје и уште голем број на
возбудливи дела од неговото ателје“, истакна Стефоска.
Изложбата во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена до 29 ноември годинава, а
посетителите ќе можат да ја погледнат секој ден, освен понеделник, од 10 до 18 часот.