Во Музејот на современа уметност во Скопје, во организација на КСП Центар – Јадро, вечерва во 21 часот ќе се одржи видео проекција и дискусија со визуелната уметница Христина Иваноска во разговор со кураторката Јованка Попова.
На настанот публиката ќе има можност да ги погледне видеата „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“ (2006), „Документот што недостасува: Перформанс бр. 5 (три акции)“ (2017), „Документот што недостасува: перформанс бр. 8 (Писмото)“ (2018), „Документот што недостасува: Перформанс бр. 9 (Атрибутите на имагинацијата)“ и „Moving in Still Time: A Series of Consecutive Exercises“ (2020).
Христина Иваноска е родена во Скопје во 1974 година. Преку својата уметничка практика таа создава објекти, текстови, цртеж, видео, перформанс и инсталација, често интердисциплинарно, давајќи ѝ вредност на рачната работа како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворкот, како медиум од политичка и општествена вредност преку која се изразува индивидуалната борба и ограничувањата.
Јованка Попова е родена во 1980 година во Скопје. Таа е куратор во Музејот на современата уметност – Скопје и куратор и програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Попова е претседател е на AICA Македонија – здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.