Стефоска на јубилејното издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри: Секој со својата уникатност да ѝ додаде боја на нашата иднина

од admin_kult

„Им благодарам на оние што го создадоа, на оние што го издигнаа и на оние што го одржуваат Балканскиот фестивал на народни песни и игри веќе 60 години. Сите тие имаат огромен придонес во зачувувањето на ова културно богатство кое е наше наследство и приказна за нас. Зашто ние на Балканот и се радуваме и тагуваме низ нашите песни“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска, на синоќешното отворање на 60-тото, јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни игри и песни.

Стефоска истакна дека не е случајно што Фестивалот се отвора со „Тешкото“, кое е и инспирација на Блаже Конески, чија стогодишнина од раѓањето ја чествуваме годинава.

„И овој фестивал и годишнината на Конески се впишани во каталогот и во календарот на УНЕСКО. Во УНЕСКО, со огромен пиетет, е впишан и овој регион, и нашиот Охрид“, додаде Стефоска и упати благодарност до сите учесници на Фестивалот за нивната благородна мисија – секој со својата уникатност да ѝ додаде боја на нашата иднина.

На свеченоста се обратија и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е покровител на Фестивалот; градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски; како и директорот на Центарот за култура – Охрид, Тони Симоновски.

По протоколарниот дел, со избор од богатата фолклорна традиција, се претстави Ансамблот „Македонија“ од Скопје, а настапи и Академското културно-уметничко друштво „Бранко Крсмановиќ“ од Белград, Србија.

Во рамките на манифестацијата беше промовирана монографијата „60 години Балкански фестивал на народни песни и игри“ од авторот Милчо Јованоски.

Во следните неколку денови, на сцените на Долни Сарај и на Центарот за култура во Охрид, ќе се претстават домашни фолклорни друштва, но и ансамбли од Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе