Средба на министерката Стефоска со новоименуваниот мексикански амбасадор Карлос Исуаро Феликс Корона

од admin_kult

Потпишување на Договорот за заштита, чување, враќање и реституција на културните добра меѓу двете држави, како и продлабочување на културната соработка, е заклучокот од денешната прва протоколарна средба меѓу министерката за култура Ирена Стефоска и новиот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави во Белград надлежен и за Република Северна Македонија, Карлос Исуаро Феликс Корона.

Министерката Стефоска му пожела успешна дипломатска мисија на новоименуваниот мексикански амбасадор и изрази очекување за време на неговиот мандат да се остварат повеќе заеднички проекти, особено на полето на заштитата на културното наследство.

Стефоска потенцираше дека со потпишувањето на новиот документ од областа на заштитата на културното наследство ќе се создаде правна рамка за поврзување на сродните професионални институции, размена на експерти, летни школи, тренинзи и други заеднички проекти.

На средбата стана збор и за можноста за учество на уметници од Мексико на фестивалот „Охридско лето“ и на „Струшките вечери на поезијата“, како и учество на македонски уметници на сродни фестивали во Мексико.

Амбасадорот  на средбата упати отворена покана до министерката за култура да ги посети Соединетите Мексикански Држави.

 

 

 

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе