Со голема изложба на дела од членовите од основањето до денес, Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) денеска (1 декември) ќе одбележи 75 години постоење. Јубилејот ќе се слави со поставки во два објекта на Националната галерија – Чифте амам и Мала станица. Свеченото отворање е во 20 часот во Чифте амам, а истиот ден може да се посети и поставката во Мала станица.
Во рамките на изложбата ќе биде претставен богат творечки опус – слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии – од околу 300 автори, почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени кои го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па сѐ до новата генерација која ја претставува иднината на ДЛУМ.
Изложбата ќе се реализира во согласност со протоколите за заштита од КОВИД-19.