Република Северна Македонија застапена во јубилејната публикација на УНЕСКО

од admin_kult

Во присуство на голем број шефови на држави, експерти и членови на делегации од земјите членки, како и набљудувачи од повеќе земји,  од 9 до 24 ноември  во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, се одржа 41. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО.

Во рамките на Конференцијата, на која учествуваше и делегација од Република Северна Македонија, беше одбележан јубилејот 75 години од основањето на оваа светска организација за образование, наука и култура, а  повторно беше избрана г-ѓа Одри Азуле за генерален директор  на УНЕСКО, за чиј избор министерката за култура и претседател на Националната комисија за УНЕСКО , Ирена Стефоска упати и лична честитка.

Република Северна Македонија, со пригоден видеозапис од македонските културни и природни богатства и со учество на „Чалгија саунд систем“, се вклучи во честитките по повод одбележувањето на јубилејот на УНЕСКО. Историјата долга 75 години во седиштето на Организацијата, пак, беше одбележана со изложба на фотографии, а во електронска форма беше објавена и јубилејна публикација  „75 години низ активности – Националните комисии ги раскажуваат своите приказни“.

Во публикацијата се содржани активностите со кои се одбележуваат 75 години успешна соработка меѓу УНЕСКО и мрежата на националните комисии за УНЕСКО од целиот свет. Македонската национална комисија е  вклучена  во јубилејната публикација на УНЕСКО со свои прилози, документи и фотографии кои се дел од многубројните активности од досегашното членување на нашата држава во Организацијата.

Публикацијата на УНЕСКО „75 години низ активности – Националните комисии ги раскажуваат своите приказни“ е достапна  на следниот линк:

https://drive.google.com/file/d/12cVP6fzVYiMFu6RAclyM3N0OetbgqSdM/view

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе