Првиот мјузикл во НУ Театар „Kомедија“ – „Боливуд“, во режија на Наташа Поплавска, вечер (29 ноември) гостува на Меѓународниот фестивал на актерот во Никшиќ, Црна Гора.
– Нашaта претстава на комично-фарсичен начин упатува на проблемите во нашите посткомунистички општества и преку песна и игра, со коментари за состојбите низ кои поминуваат земјите во транзиција, успешно одговара на реалноста во која живееме. Затоа, претставата „Боливуд“ ја засмева публиката посочувајќи на проблемите со кои секојдневно се соочуваме, како што се: колапсот на средната класа, прашањата за идентитетот и нацијата, очекувањата за подобро утре преку лажни ветувања понудени од политичките и деловните елити, барајќи спас не од себе туку од некој друг, па сѐ до обичната човечка нетрпеливост и многу други мани на општеството – вели режисерката Поплавска.
Во претставата играат актерите на Театар „Комедија“: Жаклина Стефковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски. Автор на текстот е Маја Пелевиќ, музиката е на Огнен Анастасовски, кореографијата и костимографијата се на Наташа Поплавска, сценографијата и видеоанимацијата на Емил Петров, а светло-дизајнот на Милчо Александров.
Мјузиклот „Боливуд“ премиерно беше изведен во ноември 2019 година во Театарот „Комедија“ и по паузата поради пандемијата, „Боливуд“ месецов се врати на сцената на Театарот „Комедија“ каде што редовно се игра.