Продолжува манифестацијата „Европски денови на културно наследство 2020“

од admin_kult

Манифестацијата „Европски денови на културно наследство“, која музеите во земјава ја започнаа од септември со онлајн-содржини, продолжува со богата програма.

Денеска напладне во Музејот и галерија – Кавадарци ќе биде отворена изложбата „Културното наследство на Кавадаречко“. Утре, пак, (3 октомври) во најмалиот етнолошки музеј во светот, во село Џепчиште, Тетовo, ќе биде отворена изложбата „Верски реликвии и стари дипломи на заборавени занаети“, а ќе се одржи и дебата за издавањето на книгата „Македонски етнолошки буквар“.

На 6 октомври во 12:00 часот во Музејот на град Неготино ќе биде отворена меѓународната изложба „Уметноста како катализатор за социјални промени“. Изложбата е со ликовни дела на Александра Кокотовиќ од Сараево, Босна и Херцеговина, поставена во Лапидариумот пред Музејот. Истиот ден во 13:00 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи промоција на илустрираната публикација за деца „Музејска сликовница“. На 7 октомври Музејот на Република Северна Македонија ќе ги збогати кривопаланечките училишни библиотеки со примероци од долгогодишната издавачка дејност на Музејот. Во духот на темата на годинашните Европски денови на културното наследство – „Културното наследство и училиштата“ – претставници на Музејот на РСМ истиот ден ќе делат публикации низ училиштата во Крива Паланка, а наскоро ќе започне и проектот „Триесет и една буква за триесет и еден предмет од минатото“.

Од 5 до 7 октомври, Заводот и музеј од Струмица ќе работи со слободен влез за посетителите, а првата седмица од октомври, Конзерваторскиот центар од Скопје ќе ги прикаже културното добро од црквата „Свети Спас“ и поставката за Гоце Делчев, исто така со слободен влез за посетителите. Во Центарот за креативни индустрии – НЕБО, од село Суводол, Демир Хисар, ќе може да се посети изложбата на фотографии „Внатрешни градини“, од авторот Стефан Шашков, поставена во Домот на културата „Илинден“.

Продолжуваат и онлајн-содржините. Музејот во Демир Капија го постави документарниот филм за традиционалното славење на грозјето и виното  „Откинување на зрел грозд“ на Фејсбук-страницата на Домот на културата „Мирка Гинова“. Филмот претставува визуелно сведоштво за дел од нашето нематеријално наследство поврзано со одгледување грозје и производство на вино.

Фондот на холокаустот на Евреите од Република Северна Македонија ја збогатува програмата со уште една документарна сторија. Пошироката јавност ќе може да го проследи филмот „Македонска хроника: Приказната за сефардските Евреи на Балканот“, во траење од 10 минути. Поставен е на линкот : https://youtu.be/hi1wgCzDa9w

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица на  Европските денови на културното наследство учествува со „Виртуелна прошетка низ постојаната музејска поставка“, којашто е приспособена и достапна за користење за основните и средните училишта.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе