Во рамки на драмскиот дел од програмата на „Охридско лето“ вечерва на сцената Долни Сарај ќе се игра претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во продукција на Македонскиот народен театар и режисерот Марјан Неќак.
„Само глас“ е приказна за позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогнала да ја создаде кариерата.
Улогите во претставата што премиерно беше изведена на 26 мај годинава ги толкуваат Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, додека за балетските точки е задолжен Мирослав Митрашиновиќ.
Почетокот на изведбата е од 21 часот, а претставата не се препорачува за лица помлади од 18 години.