Со одбележување на првиот час по македонски јазик, в сабота во старото училиште „Димитар Влахов“ во селото Љубојно ќе почне првиот мултимедијален фестивал на традицијата и историјата во Преспа „Преспаленд 2021″.
Посетителите ќе имаат можност да ги вкусат традиционалните преспански јадења, а ќе настапат музичката група „Перија“ и виртуозот на канон и саз, Џенгиз Ибрахим. На настанот, присутните ќе слушнат поезија од Елена Пренџова, Игор Трпчески-Трпе, Марија Грубор и Горазд Китаноски-Кени од „Поетри слем Македонија“. На плажата „Сливница“, пак, в недела концерти ќе одржат дуетот Дац и Александар и Владо Јаневски.
Во рамките на фестивалот, во следните три месеци ќе се организираат едукативни работилници, спортски активности, традиционални и вкусни локални приказни, музички настапи, а се најавени и многу сценски изведби и изложби.
Организаторот најавува посета на шест села, со 11 настани, како и време поминато во природа и разубавување на 11 локации.