Првата претстава наменета за бебиња на возраст од над една година „Облак во мала кутија“ вечер премиерно ќе биде изведена во Театарот за деца и младинци. Режисер на претставата е Бојана Лазиќ од Србија.
„Облак во мала кутија“ е првата интерактивна театарска претстава за бебиња во државава. Претставата ќе се изведува за ограничен број посетители во согласност со протоколите за заштита од КОВИД-19. Во претставата играат Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Никола Наковски.
Нејзини гледачи се деца кои штотуку наполниле 12 месеци, како и нивните родители. Разни визуелни изненадувања, колективни игри, весела музика, палави зборови, необични форми и пријатна атмосфера се преплетуваат во претставата. „Облак во мала кутија“, споредено со претставите за постари деца, младинци и возрасни луѓе, не е заснована на наратив туку на дејствија кои будат и провоцираат љубопитност.
Содржините се приспособени за возраста на публиката и осмислени се да ги стимулираат сетилата и да ја поттикнуваат фантазијата. Просторот во кој актерите ги дочекуваат бебињата и родителите е безбеден, удобен, мек и нежен. Во тој простор сите можат да се олабават и да уживаат – информираат од Театарот за деца и младинци.