Под мотото „Вевчани за Блаже Конески” вчера во Вевчани започна 10. Вевчанско културни лето „ВЕВКУЛ 2021″, во чии рамки ќе бидат одбележани 100 години од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески.
Јубилејното издание беше отворено со изложба на фотографии и факсимили од животот и делото на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист, Конески, од новинарот и публицист, Мишо Китаноски. На настанот беа читани И стихови од Конески од ученици од основното училиште „Страшо Пинџур” во Вевчани.
Во рамките на „ВЕВКУЛ 2021″ предвидена е научна трибина посветена на Блаже Конески, на која ќе учествуваат повеќе македонски писатели, професори, македонисти и културни дејци. Според програмата, ќе бидат организирани изложби од академскиот сликар Александар Младеновски и средношколецот Илија Пешиноски, како и промоции на книги од: Ана Витанова – Рингачева, Сузана Мицева, Јованка Денкова, Даниела Андоновска – Трајковска, Весна Мундишевска – Велјановска, Косте Шутиноски и Сашо Бетоски. Најавен е и натпревар во шах меѓу вевчански, струшки и охридски шахисти и велемајсторот Димче Илијевски, а уметникот Живко Поповски – Цветин ќе испрати 100 пораки на своите цртежи со мисли од Блаже Конески.