ИН МЕМОРИАМ: Почина истакнатата актерка Сабина Ајрула Тозија

од admin_kult

По долго и тешко боледување, на 75-годишна возраст почина познатата македонска актерка Сабина Ајрула Тозија.

Телеграма со сочувство до семејството и до сите почитувачи на ликот и делото на Сабина Ајрула-Тозија упати министерката за култура Ирена Стефоска.

„Родена глумица со раскошен повеќедецениски репертоар на сцената и на филмот. Од Фатиме до Вера, до грандиозните турски продукции. Сабина, дама и пријател. Ретка ѕвезда на нашите простори“, се вели во телеграмата на министерката за култура Ирена Стефоска по веста за смртта на големата актерка.

Ајрула -Тозија беше маркантен лик на македонската театарска и филмска сцена и препознатлива по својот вонреден талент. Со својата посветеноста и работа, естетската специфика при градењето на ликовите, ефикасноста на совладување и на најтешките актерски задачи, Ајрула – Тозија создаваше редица ролји по кои ја препознаваше публиката.

Во кариерата долга над половина век, одигра над 70 значајни улоги на сцената на нејзиниот матичен Драмски театар, но и во скоро сите театри низ земјава.  Во своето долгогодишно искуство таа соработуваше со повеќе реномирани македонски и странски режисери, а има играно заедно и со многу познати југословенски актери. Повозрасната македонска публика ја памети по улогата на Фатиме во телевизиската серија „Солунски патрдии“, а  помладите генерации ја запознаа актерската игра на Ајрула-Тозија преку телевизиската серија „Зоки Поки“.

Остави силен печат на македонската театарска сцена преку улогите во претставите „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, Гертруда во „Хамлет“ од Шекспир, во „Дамите од Аламо“ од Пол Зиндел, Хекуба во „Орест“ од Еврипид и многу други.

Ајрула-Тозија глумеше и во многу македонски филмови  меѓу кои „Време без војна“ во 1969, „Жед“, „Јад“, „Исправи се Делфина“ „Оловна бригада“,„Време, води“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Сенки“, како и ТВ-сериите „Илинден“, „На наш начин“, „Солунски патрдии“, „Трето доба“, „Салон Хармони“.

Последните години Ајрула -Тозија беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афифе Хатун во популарната турска серија „Величествениот“, таа играше и други улоги на тамошната сцена.

Во 1996 ја доби наградата „Климент Охридски“ за повеќегодишна творечка работа, а во 2015 нaгрaдaта зa живoтнo делo на фестивалот „Вoјдaн Чернoдрински”.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе