Почина писателот Видое Видичевски

од admin_kult

Во осумдесет и деветтата година од животот, почина писателот Видое Видичевски, информира Друштвото на писателите на Македонија. Видое Видичевски е роден во Охрид, во 1931 година. Зад себе има богат и разновиден опус како поет, раскажувач и драмски автор. Во поезијата дебитира со стихозбирката „Сини питоми утрини“ во 1959 година.

Потоа ги објавува поетските книги „Вечерен пејзаж од градот“, „Песни за потопот“, „Кажување на задоцнетиот пророк“, „Вие“ и „Биље крај езерото“. Неговата поезија e преведувана на италијански, француски, руски, турски и на романски јазик.

Автор е на збирката раскази „Заробеници на вечерните игри“ и на драмите „Бреговите се немирни“ и „Балада за орканата“. Бил оснoвач и прв директор на Радио Охрид, директор на Домот на културата во Охрид, еден од основачите на „Охридско лето“ и негов раководител, како и иницијатор за востановување на манифестацијата „Прличеви беседи“.

За своето творештво e добитник на низа признанија, меѓу кои: наградата на РТС на Струшките вечери на поезијата, наградата за најдобра книга меѓу два саема, Седмоноемвриската награда на Охрид, наградата на „Дијалог“ за најдобра поетска книга во 2009 година и наградата „Книжевно жезло“ што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе