По повод 11 Октомври, во Њујорк и во Париз се одржаа културни настани

од admin_kult

По повод 11 Октомври, во Галеријата МЦ во Њујорк и во Македонската амбасада во Париз се одржаа културни настани со кои се чествуваа неколку значајни јубилеи поврзани со Денот на антифашистичкото востание и народноослободителната борба и самобитноста и самостојноста на нашата држава.

Со настаните се одбележаа јубилеите: 30 години самостојност на Републиката, 80 години од почетокот на народното востание против фашистичкиот окупатор и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Имено, во Галеријата МЦ во Њујорк, Генералниот конзултат на Република Северна Македонија организираше поетска вечер посветена на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет и основоположник на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Во рамките на програмата, во Македонскиот културен центар на англиски јазик беа прочитани неколку извадоци од творештвото на Конески, меѓу кои и: „Тешкото“, „Везилка“, „Галеб“, а акцент беше ставен на неговата улога во кодифицирањето на македонскиот литературен јазик. Настапија и професорките по музика кои работат во Њујорк – пијанистката Калина Мрмевска и виолистката Алфрида Тозиева – кои пред публиката, премиерно изведоа неколку композиции од македонскиот автор Гоце Гавриловски.

Во Македонската амбасада во Париз, Франција, пак, беше отворена изложбата „Омеѓени приказ(н)и“ од проф. д-р Тони Васиќ. Настанот беше збогатен со музичко интермецо на ученици по флејта од Конзерваториумот Ливри-Гарган (Livry-Gargan), во рамките на заедничкиот проект на Општинскиот конзерваториум  Ливри-Гарган (Livry-Gargan),  ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и ЗПМ „Полихимнија“ од Скопје, инициран и подготвен од директорката на Конзеваториумот, проф. Елена Стојческа.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе