Во рамките на Годишната програма за финансирање проекти од областа на заштитата на недвижното наследство за 2021 година, на надлежната установа, Национален конзерваторски центар, ѝ е одобрен проект за заштитни интервенции на архитектурата и на ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000,00 денари.
Како што соопштија од Министерството за култура, интервенциите ќе ги спроведува НУ Национален конзерваторски центар, а е предвидено: расчистување, отстранување на вегетацијата и оспособување на функцијата на постојниот дренажен канал; санирање на оштетувањата на подот; замена на подните плочи во црквата; интервенции на ѕидното сликарство и обивање на оштетениот конзерваторски малтер на површините без живопис во зоната на цоклето во внатрешноста на црквата.
Во рамките на заштитните интервенции, ќе се прицврстат и ќе се опшиваат загрозените делови од живописот одделени од носачот, ѕидот, а ќе бидат преземени и одредени мерки кај камбанаријата: монтирање на влезната врата и санација на оштетениот дел од покривот.
Во согласност со предвидената динамика за реализација на Годишната програма, надлежната установа, НУ Национален конзерваторски центар, предвидува работите да започнат во јуни оваа година.
Во текот на 2020 година, на барање од НУ Национален конзерваторски центар, беа одобрени 300.000,00 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матејче.
Интервенциите беа спроведени во првата половина на ноември и опфатија корективни мерки на сите оштетени и одвоени елементи од покривниот покривач на црквата и третман на споевите со ѕидните површини, како и затворање на оштетените стакла кај транзените на црквата.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен на планинскиот масив Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на царот Душан, а по неговата смрт, сопругата Елена и синот Урош ја доградиле и ја живописале.