Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, со претставата „Кралските копилиња“, на 15 март ќе настапи онлајн на 47-то издание на Фестивалот „Сараевска зима”.
Поради пандемијата, поголемиот дел од фестивалската програма ќе биде прикажан онлајн, односно претставите ќе се одржуваат на матичните сцени, а сараевската публика ќе ги проследи преку видеостриминг.
Претставата „Кралските копилиња” е приказна за боголуѓето, која се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја и зборува за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор.
Автор на текстот, режисер и автор на аудиовизуелниот концепт на претставата е Сашо Димоски, режијата на сценското движење е на Васил Зафирчев, видеодизајнот и анимациите се на Данчо Стефков и Крсте Шупев, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и на плакатот е Адам Мартинакис.
Во претставата настапуваат актерите: Васил Зафирчев како Агамемнон, Кети Борисовска како Клитемнестра, Талија Настова како Електра, Жарко Спасовски како Орест, Маја Љутков како Касандра, Фаик Мефаилоски како Егист и Марија Стефановска како Ифигенија.