Објавен Конкурсот за меѓународната награда „Мостови на Струга“ на СВП за 2021 година

од admin_kult

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави Конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2021 за најдобра дебитантска книга од млад автор.

На Конкурсот, кој ќе трае до 1 март 2021 година, може да учествуваат сите дебитантски книги на млади поети (под 35 години), а лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата – 21 Март.

Кандидатите треба да испратат три копии од книгата со која конкурираат и најмалку пет песни од истата книга преведени на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Северна Македонија) или преку националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Крајниот рок за пристигнување на книгите на адресата на СВП е 1 март 2021 година. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на веб-адресите на СВП: struga@svp.org.mk и spefestival@gmail.com.

Исто така, кандидатите треба да го испратат ISBN-бројот заедно со три книги во печатена форма. Наградата „Мостови на Струга“ вклучува статуета, паричен износ и објавување книга на поетот лауреат во превод на македонски јазик. Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на годинашното фестивалско издание, на кое ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 Март, со цел да се стимулира, промовира и да се афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и се промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе