Монодрамата „Жените на Шекспир” е новиот театарски проект на Центарот за култура во Крива Паланка, кој вечер во 20 часот премиерно ќе биде прикажан на Јутјуб-каналот на официјалната Фејсбук-страница на Центарот за култура.
Станува збор за монодрама замислена како бриколаж, мозаик од женските ликови од трагедиите „Кралот Лир”, „Макбет”, „Отело” и „Хамлет”, олицетворени во еден женски принцип, комплетен поглед на женското писмо и код во овие стожерни драми од опусот на еден од најголемите мајстори на драмата – вонвременскиот Вилијам Шекспир.
Во претставата игра актерката Елизабета Стефановска, режијата е на Глигор Цветковски, костимограф е Ванчо Василев, снимател е Ѓорѓи Костовски, а звукот и монтажата се на Петар Спасовски и Александар Гоцев.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.