Музејски водич за деца „Патување низ времето“

од admin_kult

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј ‒ Струмица го издаде музејскиот водич специјализиран за деца „Патување низ времето“, прв од ваков вид.

Целта на публикацијата е да ѝ овозможи на најмладата популација уште од најрана возраст да се запознае со основните поими на музејската дејност. Автор е Јасмина Пијанманова, која неколку години работи како музејски водич во струмичкиот Завод и музеј, во кој едни од најчестите посетители се токму децата. Водичот е пишуван на јазик соодветен за децата  со што сите наоди и материјали во музејската поставка и културното наследство им се прават многу поблиски.

Водичот се состои од основни поими: што е тоа музеј, што е тоа кустос, што е археологија, што е етнологија, значи објаснување за основните поими со кои се среќава секое дете и во едукативната настава и кога доаѓа во музејот. Се објаснуваат појавувањето на првите населби во Струмица, начинот на погребување, легендата за настанувањето на името Струмица, повеќе градски знаменитости.

Водичот има и свој главен јунак, едноокиот мачор Марко. Токму тој ги води децата низ сите тајни од минатото и богатството од артефакти на музејската поставка во Музејот од Струмица. Интересен е фактот што главниот јунак не е измислен туку се работи за вистински мачор кој секојдневно доаѓа во Музејот и се дружи со вработените, но и со посетителите.

Покрај теоретскиот дел, водичот содржи и оригинални илустрации зад кои се потпишува илустраторката Надица Златкова-Митевска. Проектот е реализиран во рамките на годишната програма на Заводот и музеј ‒ Струмица.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе