Во пресрет на 23 Април – Светски ден на книгата и авторското право, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Здружението за промоција на култура, спорт и образование „Младински културно-образовен центар Соната“ – Охрид, потпишаа Меморандум за соработка.
Целта е преку воспоставување и спроведување на заедничкиот проект „Да читаме, раскажуваме и да откриваме нови светови“, да се популаризираат книги, автори и читањето меѓу младите, но и меѓу сите вљубеници во литературата.
Проектот ќе се спроведува во текот на една година. Активностите ќе се одвиваат онлајн, на интернет и преку социјалните мрежи. Замислата е еднаш месечно да има онлајн средба на која ќе се разговара на теми од литературата, со нагласување на македонските автори и книги во годината во која се одбележува 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Координатори на проектот се Сара Коваческа од „Соната“ и м-р Милчо Јованоски од НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Во проектот ќе бидат вклучени и други членови на Здружението и библиотекари од Библиотеката.
Онлајн средбите ќе се одвиваат под мотото „За вкусовите се расправа“. Првата е закажана за денеска (четврток) од 19 часот и е посветена на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Настанот ќе се одвива преку „Зум“ и е отворен за сите заинтересирани.
Лозинката за директен влез во настанот е:
https://us04web.zoom.us/j/72777539103?pwd=Y0IzUWlDVXljMk9KdWtvbkJ3SHNjdz09