Со концерт на руска класична музика, во Музејот на македонската борба денеска започнува манифестацијата „Денови на рускиот јазик и култура“. На концертот ќе учествуваат македонските музичари: Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска и Марија Вршкова, кои ќе изведат дела од Рахманинов, Чајковски и Шостакович.
Манифестацијата продолжува во Кинотеката каде што на 23 септември ќе биде прикажан воениот филм „Црвениот призрак“ на рускиот режисер Андреј Богатирјов, а на 25 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, Рускиотот центар ќе организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“, на кој победниците ќе добијат награди со руска симболика. Од 26 до 28 септември во Рускиот центар ќе се одржи третата Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“, а на 29 септември во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ на која ќе учествуваат уредници на македонски издавачки куќи. Манифестацијата се одржува по иницијатива на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со поддршка од: Амбасадата на Русија во Северна Македонија, компанијата „Лукоил Македонија“ и Фондацијата „Руски мир“.