Многубројни проекти за заштита на богатото културно наследство во Прилеп и во регионот

од admin_kult

Реализацијата на завршната фаза од проектот за обновување на опожарените конаци од манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ е еден од проектите што ќе ги реализира Националната установа Завод за заштита на спомениците и музеј – Прилеп, со поддршка од Министерството за култура, во текот на 2021 година.

По спроведените истражувања, годинава ќе се пристапи и кон изработка на Основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата и на трпезаријата во манастирот „Трескавец“. Годинава ќе биде изготвен Основниот проект, и тоа со истражувачки работи на почвата и проектирање на дренажните канали и на собирните бунари, односно решавање на генералниот проблем со влагата во манастирскиот комплекс. Во првата фаза се предвидува и изработка на комплетно партерно решение, заедно со начинот на поплочување, вградување урбана опрема и осветлување.

Стручните екипи на Заводот и музеј оваа пролет ќе ги продолжат ативностите за  конзервација и препокривање на црквата „Св. Никола“, с. Манастир, Општина Мариово, а продолжуваат и конзерваторско-реставраторските работи за контрола и тековно одржување на ѕидното сликарство во овој манастир.

Со средствата што годинава се доделени за непосредна заштита – реализација на проектот за конзервација и реставрација на фрескоживописот на манастирската црква „Свети Илија“ во с. Мелница, Мариово – ќе бидат спречени понатамошните процеси на пропаѓање на застапеното ѕидно сликарство на оваа значајна црква.

Ќе се работи и на заштита и одржување и на други активности поврзани со конзервирани објекти на локалитетот Стибера, како и на конзервација и реконструкција на откриените содржини од античката населба Колобаиса, Трескавец – Прилеп.

Продолжуваат и активностите за доистражување на сите познати гробници издлабени во карпа од „македонски“ тип, со што ќе се надополнат сознанијата за овој единствен тип објекти за погребување луѓе со повисок општествен статус во времето на владеењето на последните македонски кралеви Филип V и Персеј.

Ќе се работи и Основен проект за конзервација и реставрација на куќата на ул. „Благој Целев“ бр. 16 во Крушево, која е автентично зачувана крушевска куќа, евидентирана со елаборатот за валоризација на Споменичната целина Крушево.

Годинава ќе бидат заокружени истражувачките работи за потребите на проектот   „Конзерваторски истражувања и изработка на проект за конзервација, реставрација и реконструкција на црквата Св. Атанасиј во Варош, Прилеп“, со цел резултатите од испитувањето да послужат за изработката на проектот и консолидацијата на конструктивниот систем од црквата и за создавање оптимални услови за реконструкција  на црквата.

Заводот и музеј од Прилеп ќе го реализира и проектот за непосредна заштита  „Реализација на Основен проект за конзервација на споменикот Илинден, Крушево“, за што треба да биде избран најповолен изведувач на работите. Ќе бидат преземени и зафати за санација и препокривање на помошните објекти од Меморијалниот музеј „Кузман Јосифоски-Питу“.

Во музејската  и  во библиотечната  дејност се предвидени неколку проекти, меѓу кои: истражување и откуп на стари фотографии од Прилеп и Прилепско со етнолошки мотиви; осовременување на депото за историја на уметноста во Баба-неделиното училиште во кое се сместени 219 икони од локалните цркви и 23 икони од црквата во Зрзе кои се на привремено чување; санација на депоа во НУ Завод и музеј – Прилеп; систематски археолошки ископувања на локалитетот  Бедем – Стибера, кај село Чепигово; како и изработка на каталог (фотомонографија) по повод 400 години од првото печатење на книжните икони и нивниот развој. Годинава Заводот и музеј – Прилеп ќе прослави 80 години од настанот што се случил на 11 октомври 1941 пред денешниот Меморијален музеј, а тогашен Участок.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе