„Мирно лето“ – се отвора летното кино во Кинотеката

од admin_kult

Со проекција на документарниот филм „Форте“ на режисерот Дејвид Донели од програмата на фестивалот „Вечери на женски права“ денеска (14 мај) во 20:30 часот, започнува да работи летното кино под отворено небо „Мирно лето“, лоцирано во дворот на Кинотеката.

Во рамките на фестивалот „Вечери на женски права“ ќе бидат прикажани и документарните филмови: „Денот на жената“ на Долја Гавански и „Тоа е тинејџерски свет – вмрежени за секс, лаги и игри на моќ“ на Лин Глазиер“. Програмата на летното кино ќе продолжи со традиционалната „Недела на италијански филм“.

– Во рамките на летното издание на „Скопски филмски фестивал“ ќе следуваат две вечери со проекции на филмови, а на 26 мај ќе се одржи и церемонијата на доделување на годишната награда на Кинотеката, „Златен објектив“ – нагласуваат од Кинотеката, додавајќи дека  добитници на „Златниот објектив“ – награда на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонесле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија –оваа година се режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски.

Кон крајот на мај започнува и 11. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој продолжува и во текот на јуни. Јуни, пак, е месец „Полн како око“ со филмски наслови од Неделата на јапонскиот филм, Неделата на новиот германски филм, проекции на дигитално реставрираните македонски играни филмови „Мирно лето“ и „Фросина“, како и други пријатни изненадувања. Од Кинотеката нагласуваат дека билетарницата ќе биде отворена секој ден од 19 часот, а проекциите ќе започнуваат во 20 часот и ќе се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе