Македонскиот камерен состав „Трио Аура“ денеска во Белград ќе одржи концерт на покана од Меѓународниот фестивал „БУНТ“. Триото ќе се претстави со дела од Лефевр, Коетсиер, Димушевски и Пиацола, а концертот ќе се одржи во познатата сала „Гуарнериус“.
Триото „Аура“ го сочинуваат македонските музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски, кои работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тие имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија и во Словенија за кои добиваат позитивни оценки.
Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Често промовираат дела од македонски композитори напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.