Годинашна добитничка на Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот „МЕНАДА“ на фестивалот „Танц фест Скопје 2021“ е легендарната кореографка и танчарка, госпоѓа Каролин Карлсон, соопшти интернационалниот фестивал „Танц фест“.
„Со прифаќањето на наградата МЕНАДА од страна на оваа легендарна уметничка, Танц фест уште еднаш ја потврдува својата позиција на извонредност на светската танцова сцена и заложбите за развој на современиот танц кај нас, но и наша презентација низ светот“, нагласуваат од „Танц фест“.
Каролин Карлсон е легендарна кореографка и танчарка која го смени текот на развојот на современиот танц во 20 век со нејзината креативност и работа, особено кога во 1974 година доби покана да работи во Париската опера, со специјално креирана титула за неа „ѕвезда кореографка“, и доби простор за развој на своите идеи преку театарската истражувачка група „GRTOP“ (Groupe de Recherches Théâtrales / Paris Opera Theater Research Group).
Во 2006 година Каролин Карлсон е добитничка на „Златен лав“ на Биеналето во Венеција, со што станува првата кореографка чија работа е наградена со оваа престижна награда. Во својата долга кореографска и танчарска кариера, настапува на многу светски сцени. Таа активно работи и патува низ целиот свет со своите креации и истражува нови форми.