Оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот „Зимски соништа“. Како солист ќе настапи виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија.
Во рамките на програмата ќе бидат изведени: Концертот за виола во е-мол, оп. 85, Транскрипција од Kонцертот за виолончело од Едвард Елгар и Симфонијата број 1 „Зимски соништа“ од Чајковски.
Тимоти Ридаут е еден од водечките млади солисти на светската музичка сцена. Тој е уметник на новата генерација на „Би-Би-Си“ од 2019 година, a неговите концертни ангажмани оваа сезона вклучуваат настапи со оркестрите во Берлин, Бордо, Салцбург и др.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој се стекнал со популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарејќи на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам.