„Филхармонија во срцето“ е насловот на концертот што ќе се одржи денеска (18 ноември) во 20 часот, на кој ќе свири Камерниот оркестар на Филхармонијата. Диригент е Дијана Имери-Илкоска, а како солисти ќе настапат Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа).
Со овој концерт Филхармонијата на РСМ се вклучува во чествувањето на два значајни јубилеи – 180 години од раѓањето на чешкиот композитор Антонин Дворжак и 160 години од раѓањето на рускиот композитор Антон Аренски. На програмата се „Варијации на тема од Чајковски“ од Аренски, „Серенада“ од Дворжак и „Класична суита“ за камерен оркестар, флејта и обоа од македонскиот композитор Томислав Зографски.