Во Музејот на современата уметност – Скопје од денеска (16 часот) па сè до февруари следната година ќе биде отворена изложбата „Сета љубов (All the Love)“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Музејот е отворен за посетители од 10 часот секој ден, освен во понеделник, но поради специфичноста на изложените дела, кураторките сугерираат дека е најдобро поставката да се види меѓу 16 и 20 часот, освен во недела кога Музејот работи до 13 часот. Посетата на изложбата ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.
Во рамките на изложбата, со свои дела, уметнички инсталации и видеа, ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот, како: Тејт, Бобур, Гугенхајм, Мома Њујорк…
Изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Целта на изложбата е низ анализа на конкретна уметничка практика, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.